Една книга на ден и здрав си како дрен. Така беше изреката? Можеби не, но сигурни сме дека читањето е дефинитивно добро за нашата благосостојба и ментално здравје.
Веруваме дека сите љубители на книги ги почувствувале продобивките од читањето, но ајде да се потсетиме на некои од нив и да ги поттикнеме оние на кои книгата не им е дел од секојдневието да го практикуваат тоа почесто. Па така:
Колку повеќе читаме, толку повеќе се осознаваме себеси и луѓето околу нас бидејќи со читањето ги искусуваме чувствата, мислите и однесувањето на ликовите. Преку емпатијата ние се замислуваме себеси на нивно место, па со самото тоа си овозможуваме подобро разбирање на ситуацијата во која се наоѓаат. Како со самите ликови во книгите така и во секојдневниот живот тоа ќе ни овозможи отворање на себеси кон другите со цел подобро да го разбереме тоа што тие го доживуваат.
Знаеме дека читањето го збогатува нашиот вокабулар, што придонесува за подобрување на нашата комуникација со другите и ни се олеснува искажувањето на мислата. Покрај тоа, со читањето се збогатува нашето знаење. Колку повеќе знаење имаме, толку подобро можеме да се справиме со предизвиците со кои некогаш би се соочиле и да ја подобриме комуникацијата во нашиот социјален и професионален однос.
Истражувањата покажуваат дека мозочната стимулација може да превенира заболување од Алцхајмерова болест и деменција. Исто како и другите мускули во нашето тело, мозокот бара вежби што ќе го одржуваат во здрава и витална состојба, а читањето е најдобрата вежба за тоа.
Ви се случило некогаш додека читате мистериозен трилер да ја решите мистеријата пред да ја завршите книгата? Тоа значи дека со помош на деталите кои се прикажани во самата приказна вие го употребувате вашето критичко и аналитично размислување за откривање на случајот.
Истата способност за анализирање детали може да ви помогне во оценување на самата содржина на книгата, да процените дали истата е добро напишана, дали ликовите се добро развиени итн. Доколку некогаш разменувате мислење со некого за одредена книга, ќе имате можност јасно да ги изразите вашите ставови земајќи ги предвид сите вклучени аспекти во неа.
Со каков стрес и да се соочувате на вашето работно место или приватниот живот, ваквата состојба може брзо да исчезне доколку се задлабочите во некоја добра приказна. Добро напишаниот роман ќе ви помогне да ги пренасочите вашите мисли кон случувањата во книгата и ќе ве опушти од тензијата која дотогаш сте ја чувствувале. Една студија од Универзитетот во Сасекс покажува дека се потребни самo 6 минути читање за да се ослободиме од стресот што го чувствуваме.
Покрај сите горенаведени бенефити, истражувањата покажуваат дека сите оние кои читаат барем 15 минути на ден се чувствуваат исполнети, релаксирани, попаметни и посреќни.
И покрај тоа што многумина се свесни за придобивките од читањето, една од најголемите причини зошто читањето не им е секојдневна пракса е немањето мотив и слободно време. Затоа во продолжение следуваат неколку препораки за тоа како да се придржувате до дневниот план за читање.
Направете список. Кои се следните книги што сакате да ги прочитате? Запишувањето на целите води кон нивно реализирање. Планот на книги што сакате да ги прочитате ќе ви помогне штом завршите една веднаш да почнете да читате нова.
Почнете со 15 минути на ден – Новите навики не треба да се форсираат. Доколку не сте „незаситен” читател, почнете со малку и поставете си цели што се лесно достижни, како читање по 15 минути во денот или 1 книга во месецот. Штом природно го забрзате процесот, тогаш може да ги зголемите целите за читање сè додека не ви стане рутина без која не можете да ви помине денот. Доколку читањето не ви е стресно, тогаш ќе може подобро да се сконцентрирате и да читате побрзо.
Понесете ги книгите со вас каде и да одите. Никогаш не знаеме кога ќе имаме слободно време да прочитаме ново поглавје. Додека патуваме на работа, чекаме ред на лекар или во банка, додека сме на пауза за ручек и слично. Сè ова е лесно изводливо доколку целата библиотека што ја поседувате се наоѓа на вашиот мобилен уред.
Одберете книги по ваш вкус – Често се случува да започнеме некоја книга по туѓа препорака или поради нејзината популарност, па се разочаруваме од содржината и ја оставаме. Одберете книги чија содржина најпрво ќе го привлече вашето внимание, а потоа послужете се со препораките од други читатели за тоа како е напишана.
Откажете се од книгите што не ви се допаѓаат – Рековме дека е важно да одбереме книги по сопствен вкус, но што со оние кои сме ги започнале, но не го задржуваат нашето внимание додека ги читаме? Ако во животот се водите по девизата „победниците не се откажуваат” истата не треба да ја применувате кога станува збор за книгите. Со откажувањето од книгите кои не ви се допаѓаат ќе имате повеќе време за добри книги, a помалку за книги кои би ви претставувале само обврска, но не и задоволство.
Споделете ја книгата што ја читате – Оваа пракса е дел од процесот на читање споделувајќи ги искуствата за самата книга. Како дополнителна вредност на тоа многу често ќе добиете препорака од другите за книга со слични карактеристики на таа која може да ја додадете на вашиот список. Едни од најпопуларните македонски фејсбук-групи за љубители на книги се „Книгохоличари” и „Размена на книги и книжевни муабети” каде што можете да најдете изобилство од препораки и дискусии за добри четива.